Бајден им нареди на разузнавачките служби да ја проценат опасноста од домашен насилен екстремизам

Новиот американски претседател Џо Бајден им нареди на полициските и разузнавачките служби да ја проценат опасноста од домашен насилен екстремизам во САД, по упадот на група бунтовници лојални на поранешниот претседател Доналд Трамп во Капитол на 6 јануари.

Ова го изјави вчера секретарот за печат на Белата куќа, Џен Псаки, како директно официјално признавање на опасноста по безбедноста на државата од американски екстремисти поттикнати од радикална идеологија до насилни злосторства. Вклучувањето на директорот на одделот за државно разузнавање, утврдено по нападот на 11 септември 2001 година за спречување на меѓународниот тероризам, укажува на тоа дека американските власти бараат начин за сузбивање на насилството на домашните екстремисти.

Проценката на заканата, координирана од државната разузнавачка служба, ФБИ и Одделот за домашна безбедност, ќе биде основа за развој на политика за решавање на проблемот, соопшти Белата куќа. Покрај тоа, владата ќе работи на координиран пристап кон социјалните медиуми и радикализацијата, рече таа.

„Нападот врз Капитол на 6 јануари и трагичната смрт и уништување го подвлекоа она што сите го знаеме: зајакнувањето на домашниот насилен екстремизам е сериозна и растечка закана за државната безбедност“, рече Псаки, додавајќи дека владата ќе се спротивстави на проблемот со политички средства, со „почитување на слободата на говорот и политичката активност заштитена со Уставот“.

Упадот во Капитол, покрена прашања дали апаратот за државна безбедност, кој со години агресивно се бори против странските терористички групи и нивните следбеници во Америка, е соодветно опремен да одговори на опасноста во САД – од домашен екстремизам. Прашањето претходно се поставуваше периодично по разни напади, вклучувајќи го и масакрот во синагогата во Питсбург, кога се дискутираше дали е потребен посебен закон за борба против домашниот тероризам.

Директорот на ФБИ, Крис Вреј, минатата есен рече дека најсмртоносно насилство минатата година се антивладините активисти, како што се анархистите и припадниците на самопрогласените „милиции“.

Состојбата на полициските сили е под лупа бидејќи насилна толпа приврзаници на Трамп ја прегази полицијата на 6 јануари и упадна во Капитол, за што досега беа обвинети над 150 лица.