Стапи на сила Договорот на ООН за забрана на нуклеарно оружје

Задоволен сум што го објавувам денешното стапување во сила на Договорот за забрана на нуклеарно оружје – првиот мултилатерален договор за нуклеарно разоружување во повеќе од две децении, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН по повод влегувањето во сила на Договорот за забрана на нуклеарно оружје.

„Договорот е важен чекор кон целта на светот без нуклеарно оружје и силна демонстрација на поддршка за мултилатералните пристапи кон нуклеарно разоружување“, рече Гутереш.

Тој ги пофали државите што го ратификуваа Договорот и ја поздрави инструменталната улога на граѓанското општество во унапредувањето на преговорите и влегувањето во сила.

Според Гутереш, елиминацијата на нуклеарното оружје останува највисок приоритет за разоружување на Обединетите нации.

Раководството на ООН го поздрави влегувањето во сила на договорот, кој беше прогласен откако потребните 50 членки на ООН го ратификуваа документот. Последната земја што го стори тоа беше Хондурас.

Договорот за забрана на нуклеарно оружје беше донесен на 7 јули 2017 година со гласовите на 122 членки на ООН од вкупно 193 члена на Генералното собрание на ООН.

Целта на договорот е уништување на нуклеарното оружје и забрана за развој на ново низ целиот свет.

Од неговото усвојување, 84 земји го парафираа договорот, а 50 од нив експлицитно повикаа на целосна забрана за развој, производство, тестирање и складирање на нуклеарно оружје.

Договорот не е потпишан од државите со нуклеарно оружје САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел.