Новиот вид на коронавирусот може да биде поубиствен

Раните докази навестуваат дека новиот вид на коронавирусот што се појави во Велика Британија може да биде поубиствен од основната варијанта на вирусот, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.

Сепак, се очекува вакцините против коронавирусот да влијаат на сите видови, пренесува BBC.

Податоците беа презентирани од математичари кои ја споредуваа стапката на смртност кај лица заразени со кој било вид коронавирус – основната или новата варијанта.

Обраќајќи им се на медиумите, Џонсон посочи дека новиот вид на коронавирусот се шири многу побрзо, и дека видот што првпат се појави во Лондон може да биде поврзан со висока стапка на смртност.

Проценките биле извршени од експерти од Советодавната група за нови и респираторни вирусни закани и биле пријавени до властите.

Патрик Валенс, главен научен советник на владата, рече дека моментално достапните докази „сè уште не се силни“.

„Сакам да нагласам дека има голема несигурност околу овие бројки и дека сè уште треба да работиме за да можеме да утврдиме, но очигледно има загрижувачко зголемување на смртноста, како и забрзана преносливост“, рече Валенс.

Новиот вид на коронавирусот првпат беше регистриран во септември минатата година. Тоа е најчестата форма на коронавирус во Англија и Северна Ирска, и се прошири во други 50 земји.