По одржаниот протест „Куманово се гуши”, градоначалникот на општината, Максим Димитриeвски изјави дека ја разбира загриженоста на граѓаните поради загадувањето на воздухот и посочува дека општината интензивно работи на решевање на проблемот.

Градоначалникот додава дека дел од мерките кои ги посочија од граѓанската иницијатива „Македонија се гуши”, веќе се реализирани и нагласува дека секоја иницијатива и предлог за надминување на овој проблем е добредојден.

„Во денешниот протест има политика, односно присуство на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Како и да е, сите заедно треба да учествуваме во решавањето на проблемот со аерозагадувањето во нашата општина и секој од нас треба да се запраша колку придонесува за тоа, колку е разбудена свеста кај нас, за чиста животна средина“, стои во реакцијата на кумановскиот градоначалник.