Косовски медиуми: Косово нарача вакцина против ковид која сè уште не е одобрена

Владата на Косово, преку австриската амбасада, нарaча повеќе од половина милион дози од вакцината против ковид-19, но тоа е производ на германска компанија што сè уште не е одобрен од Европската агенција за лекови, пренесува Kossev.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти за време на викендот се пофали на својот Фејсбук профил дека Косово „нарача количина од 1,85 милиони дози вакцини против ковид, безбедни вакцини, а не руски“, пренесува Косев.

Во графиконот објавен на Радио Слободна Европа, се вели дека Косово нарачало 600.000 дози вакцини преку Австрија, 535 000 дози вакцини од „Фајзер“ и „Бионтек“ и дека ќе добие уште 720 000 бесплатни дози од програмата COVAX.

Хоти исто така се пофали дека косовската влада издвои 40 милиони евра за набавка на вакцини што ќе пристигнат во февруари, но тој не потенцираше во кои количини ќе пристигнат.

Приштинска Коха објави дека нарачаните 600.000 дози од Косово преку Австрија, всушност се на германска компанија CureVac, наречена CVnCoV, но вакцината сè уште не е одобрена. Ова го потврди и австриската амбасада во Приштина, каде беше договорено количината на вакцини што ги нарача Австрија за себе потоа да се прошири за потребите на Косово. Дипломатската мисија исто така објави дека нарачката ќе биде доставена веднаш штом вакцината ќе биде одобрена од Европската агенција за лекови, пишува Н1.