Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со процентите од пописот доколку тие бидат реални, но има проблем со политички мотивираниот попис

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Дојче Веле„ кажа дека ВМРО- ДПМНЕ има проблем единствено со политички мотивираниот попис кој Заев го турка без национален консензус и на сила.

Тој истакна дека доколку власта одлучи да ја заобиколат волјата на граѓаните тоа ќе биде најјасниот показател за самоволието и политичкиот инженеринг.

-Се’ уште законот не е донесен во Собранието, иако е во процедура. Бараме власта да го повлече и да постигнеме консензус помеѓу сите политички чинители за безбеден и објективен попис кој ќе има вклученост на сите релевантни политички субјекти. Доколку не се случи тоа, ќе почнеме акција за собирање потписи во подрачните канцеларии на Министерството за правда за носење на закон за укинување на постојниот закон за попис кој ќе биде основа за фалсификатот кој го турка власта. Тука бараме се општествена поддршка и мобилизација на граѓаните со цел да се спротивставиме. Се надевам на силна поддршка од граѓаните. Доколку и ова решат да го игнорираат од власта и да ја заобиколат волјата на граѓаните, тогаш јавно и јасно кажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот кој ќе биде очигледен фалсификат, ниту тогаш, ниту во моментот кога ќе ја преземеме власта. И тоа ќе биде најјасниот показател за самоволието и политичкиот инженеринг на власта со кој сака да се замолчат граѓаните и нивната волја појасни Мицкоски.

Мицкоски истакна дека ВМРО- ДПМНЕ нема проблем со процентите од пописот доколку тие бидат реални и одраз на фактичката состојба но дека како партија ВМРО- ДПМНЕ смета дека на државата и е потребен фер и објективен попис и дека доколку тоа биде спротивно единствено ќе ги чини граѓаните пари и погрешни проекции за иднината.

-ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со процентите од пописот доколку тие бидат реални и израз на фактичката состојба, па какви и тие да биле, но имаме проблем со политички мотивираниот попис кој Заев го турка на сила. Нам ни треба фер и објективен попис, а секој треба да знае дека фалсификат попис кој, пред се’, треба да биде статистичка операција, граѓаните ги чини погрешни проекции за иднината и пари додаде Мицкоски.