Мицкоски на средба со Орбан и Сијарто: Државата не смее да остане заробена во калкулирања и недостаток на реформи

Денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот  Александар Николоски во Будимпешта остварија работна средба со премиерот на Унгарија и претседател на партијата Фидес Виктор Орбан, како и работен појадок со унгарскиот министер за надворешни работи  Петер Сијарто.

На средбата со унгарскиот премиер Орбан беа констатирани одличните и пријателски односи кои што постојат помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ и унгарската Фидес.

На средбата Мицкоски се осврна и на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, кое што Македонија ја одалечува од стратешката цел членство во Европската Унија. Лидерот Мицкоски побара поддршка од пријателска Унгарија за одблокирање на патот кон ЕУ и воедно севкупна поддршка за земјава на патот кон европските интеграции.

-Премногу долго државата е заробена во недостаток на реформи, калкулирања и тапкање во место што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромeн застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања, и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да подадат искрено рака на земјите апсиранти кон ЕУ, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.