И во 2021 година ќе има ваучери за туризам, еве колку ќе изнесуваат

Mинистерот за економија Крешник Бектеши, денес најави дека најдоцна до првата недела од февруари Владата ќе излезе со петтиот сет антикризни мерки и додаде дека во тек биле консултации со стопанските комори и со сите засегнати страни за дизајнирање на мерките.

Тој додаде дека за најпогодените сектори, како туристичкиот и угостителскиот, ќе има мерки, но како ќе изгледаат, ќе треба прво да се причекаат сите предлози од стопанските комори.

Бектеши најави дека и оваа година државата ќе продолжи да им доделува ваучери за одмор на работниците со ниски приходи во домашните туристички капацитети.

Според Бектеши, поддршката ќе изнесува 12.000 денари по апликант, а јавниот повик ќе биде објавен во првата половина од годинава. Доделување на ваучерите ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Продолжуваме со мерката организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето износот од 30.000 денари. Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети – изјави Бектеши и додаде дека лани биле искористени над 65.000 ваучери.

Тој информира дека за оваа мерка годинава се предвидени вкупно 15 милиони денари.