Во Хрватска против коронавирусот вакцинирани околу 46.000 лица, мал број на несакани ефекти

До крајот на викендот во Хрватска биле вакцинирани околу 46.000 лица, а 80 од нив имале претежно лесни несакани ефекти, рече директорот на Клиниката за инфективни болести во Загреб, Алемка Маркотиќ, во неделата, пренесува агенцијата Хина, пишува Н1.

Маркотиќ, исто така, изјави за Хрватската телевизија (ХТВ) дека е забележан посериозен несакан ефект и станува збор за алергиска реакција за која лекарите биле подготвени да реагираат и „соодветно да ја решат“.

Таа рече дека „некои несакани ефекти како што се треска и болка во раката“ се очекуваат по втората доза на вакцината, но дека не се регистрирани никакви опасни несакани ефекти за време на клиничката студија или за време на вакцинацијата во земјите каде што вакцинирани се голем број луѓе.

Маркотиќ објави дека Хрватска наскоро ќе има одобрени четири производители на вакцини, бидејќи нарача големи количини од компанијата АстраЗенека, чија вакцина може да биде одобрена до крајот на јануари.