ЕУ бара итно ослободување на Навални

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел синоќа рече дека апсењето на Алексеј Навални по неговото пристигнување во Москва е „неприфатливо“ и повика на негово „итно ослободување“.

Руската полиција во неделата го уапси главниот критичар на Кремлин, Алексеј Навални, по неговото пристигнување на аеродромот Шереметјево, додека се подготвувал да ја помине пасошката контрола, потврди руската Федерална служба за затвори (ФСИН).

Навални се опоравуваше во Германија последните месеци откако преживеа обид за труење. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеп Борел ги повика руските власти „да ги почитуваат правата на Алексеј Навални“ и на Твитер повика за неговото ослободување. „Политизацијата на системот на правдата е неприфатлива“, додаде Борел.

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки исто така повика на итно ослободување на Навални и побара од ЕУ да одговори на неговото апсење. „Апсењето на Навални е уште еден обид за заплашување на демократската опозиција во Русија. Клучот е брз и недвосмислен одговор на ниво на ЕУ. Почитувањето на правата на граѓаните е основа на демократијата “, напиша Моравиецки на Твитер. „Ги повикувам руските власти веднаш да го ослободат уапсениот“, додаде тој.

Претходно, Литванија, Летонија и Естонија повикаа на ослободување на Навални и реакција на ЕУ, исто така повикувајќи на „ограничувачки мерки“ против Русија.