Aнализа на Гардијан: Првите ефекти од вакцинацијата за само неколку недели

Британски Гардијан во својата анализа за влијанието на вакцината тврди дека резултатите треба да бидат видливи за само неколку недели. Според англиските доктори бројот на заразени лица треба да почне да опаѓа кон средината на следниот месец, додека пак смртноста треба да почне да се намалува на почетокот на март. До април се очекува смртноста да се намали за 20 проценти.

Од влијанието на вакцинацијата зависи и тоа кога ќе почнат да се олабавуваат мерките. Иако вакцинацијата почна во повеќе земји во светот, сепак експертите сметаат дека влијанието ќе зависи од регион до регион и од тоа која група на гараѓани прва се вакцинирала.

До сега во Велика Британија се вакцинирале околу 3 милиони луѓе, од кои најголем дел се стари лица, граѓани со хронични заболувања како и здравствени работници. А според најавите на тамошните власти до 15 февруари треба да се вакцинираат околу 15 милиони луѓе.

Со вакцинација почнаа и во САД, Данска, Франција, Холандија, Грција, Бугарија, Белгија, Израел, Бахреин, Индија и Словенија. Во Србија пред два дена пристигнаа милиони дози од кинеската вакцина Синофарм. Нашата земја меѓутоа ја нема на мапата на земји кои обезбедиле вакцини бар за една група ранливи категории.