Интерконекторот за гас со Бугарија (Струмица-Петрич), предизборен политички маркетинг на СДСМ кој доколку се реализира ќе го исплаќаат граѓаните и компаниите во наредните години
Изминативе денови беше објавена намера за изградба на интерконектор за природен гас помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, наречен Петрич – Струмица.
Карактеристично за ваквиот проект е што промовирањето започнува пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година, а тоа е повеќе од доволно за да има карактер на политички маркетинг.
Она што на прв поглед остава впечаток и започнува да продуцира нејаснотии е зошто овој проектот за интерконектор е претставен од страна на Македонско – Бугарската стопанска комора и зошто баш оваа Комора која не ја препознава Законот за енергетика, изминативе месеци работела на проектот. Наведеното е особено чудно бидејќи Владата уште пред две и пол години склучила Меморандум за ваков интерконектор, а досега не презела ништо и проектот на нејасен начин се разработува од Македонско – Бугарската стопанска комора. Оваа комора дури подготвила и некаков план и иницијатива која беше врачена на Премиерот на Република Македонија со барање да се усогласи со Премиерот на Република Бугарија за да даделе налог да се формира едно заедничко друштво кое што би овозможило проектирање и привлекување на инвеститори „кои веќе ги имале“.
Уште на самиот почеток од излагањето на претставникот од Македонско – Бугарската стопанска комора се јавува непремостлива небулоза, бидејќи замислете ваквиот интерконектор ќе ни овозможел втор пристап до природен гас, кој втор пристап ќе ни овозможел да имаме два резервни независни извори на енергија. Наведеното е небулоза бидејќи најавениот интерконектор ќе биде поврзан на истиот меѓународен гасоводен коридор на кој е веќе и постоечкиот приклучок за Република Македонија кај Деве Баир и поради тоа по ништо нема да биде различен од постоечката интерконекција.
Наредна небулоза која беше изнесена е дека со овој интерконектор сме се поврзувале со сите гасни коридори, пред се со ТАНАП, рускиот гас, гасот што Бугарија сама по себе го имала и преку гасот што се создавал од согорувањето на природените горива. И наведеното е небулоза бидејќи со останатите гасни коридори треба да се поврземе преку новата интерконекција со Грција за која уште во 2015 година е склучен Меморандумот за нејзина изградба. Рускиот гас го добиваме и преку постоечката интерконекција кај Деве Баир, а за постоење на гас што се создавал од согорувањето на природените горива и не вреди да се коментира.
Што се однесува до гасоводниот коридор ТАНАП кој беше актуелен изминативе денови, природниот гас од ТАНАП единствено може да се преземе од друг гасоводен коридор, наречен ТАП, кој минува низ Грција, но досега не е објавено ниту дека е склучен договор за приклучок на ТАП со компанијата која го гради ТАП (The Trans Adriatic Pipeline (TAP) AG), ниту дека е склучен договор за резервирање или пак закуп капацитети природен гас од ТАП.
Поради тоа што дадените причини за изградба на овој интерконектор се нереални и неточни, не постои никаква економска оправданост за изградба на интерконекторот Петрич – Струмица, дотолку повеќе што од него не може да набави природен гас од трет извор на снабдување, ако се реализира интерконекцијата со Грција.
Она што е најважно, а што е заобиколено во ваквиот проект, е тоа што согласно Законот за енергетика надлежен за интерконектори е Операторот на системот за природен гас кој може да го раководи само Министерството за економија и никој друг и не може да биде ниту Македонско – бугарската стопанска комора, ниту некое заедничко друштво. Оттука е нејасна улогата на Македонско – бугарската стопанска комора и се поставува прашањето дали се вклучува заради тоа што „веќе ги имале“ инвеститорите, а со тоа би следел и бизнисот со природен гас како и доминацијата на пазарот. Кога сме веќе кај Законот за енергетика вреди да се напомене дека интерконекторот служи за да се поврзат системите на две соседни држави, а овој Закон не препознава постоење на интерконектор кој служи за потребите на конкретен град.
Од она што може да се извлече од презентираниот проект, не е коректно на граѓаните да им се ветува поевтино гориво кое во околните градови на Струмица би се доставувало како компримиран гас (CNG), кога на истата промоција од друг аспект се кажува дека снабдувањето со компримиран гас (CNG) во Струмица било поскапо и со нетрпение се очекувало да дојде гас преку цевка за да биде поевтин, поради што и ќе се градел презентираниот интерконектор.
И за крај, треба да знаете дека според правилата кои важат во енергетиката, ваквите инвестиции на инвеститорите „кои веќе ги имале“ им се враќаат преку повисоки цени на природниот гас кои треба да ги плаќаат граѓаните и компаниите како крајни корисници.
Се што е наведено погоре е доволен доказ дека интерконекторот со Бугарија Струмица-Петрич ќе биде предизборна екскурзија на СДСМ која доколку се реализира ќе ја исплаќаат граѓаните и компаниите на Македонија, без да видат никаков бенефит.
Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ