Сите 50 држави во САД се во состојба на готовност пред инаугурацијата на Бајден

Сите 50 држави во САД, како и областа Колумбија, се во состојба на готовност за можни насилни протести пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Припадниците на Националната гарда од целата земја беа испратени во Вашингтон за да обесхрабрат можни протести или повторување на насилствата од 6 јануари.

Федералното биро за истраги предупреди на можни маршеви од вооружени приврзаници на претседателот во заминување Доналд Трамп во сите 50 држави. На улиците веќе започнаа да се применуваат построги безбедносни мерки.

Тимот на Бајден апелираше до Американците да избегнуваат патувања во главниот град поради пандемијата на коронавирусот, а локалните власти велат дека луѓето треба да ја следат инаугурацијата преку телевизиски пренос.

Се очекува утре да биде тежок ден по најавите на десничарските движења кои повикуваат на вооружени протести на 17 јануари, како и во Вашингтон на денот на инаугурацијата, јавува Би-Би-Си.