Истражување: 40 проценти од здравствените работници во Ковид центрите имаат психички проблеми

Едно британско истражување покажа дека 40 проценти од здравствените работници во ковид одделите веројатно ги исполнуваат критериумите за дијагностицирање, а секој седми испитаник мисли на самоубиство.

Скоро половина од здравствените работници кои работат во единиците за интензивна нега за време на пандемијата на Ковид-19 во Велика Британија може да имаат проблеми со алкохол, тешка анксиозност и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН), според новата студија на научниците од Кингс колеџот во Лондон, поради што експертите истакнуваат дека борбата против Ковид-19 значително ќе влијае на нивното ментално здравје. Истражувањето опфати повеќе од 700 вработени на клиниките, а резултатите беа објавени во списанието „Occupational Medicine“.

Истражувачите откриле дека скоро половина од испитаниците го достигнале прагот да бидат дијагностицирани со голема депресија, ПТСН, тешка вознемиреност или проблеми со пиење или комбинација на овие симптоми. ПТСН беше далеку најчестиот проблем кај здравствените работници, бидејќи 40 проценти од испитаниците веројатно ги исполнија критериумите за дијагностицирање, а еден од седум испитаници изјавија дека размислуваат за самоповредување или самоубиство, пренесува EurekAlert.

Од сите испитани професии, се покажа дека извештаите на медицинските сестри се за најголема загриженост, бидејќи тие известуваат за низа различни проблеми.

Професорот Нил Гринберг, водечки автор на студијата, рече дека сериозноста на идентификуваните симптоми „многу веројатно ќе ја наруши способноста на персоналот да обезбеди високо квалитетна нега на пациентите“ и да има негативно влијание врз квалитетот на животот на самите здравствени работници.

Гринберг рече дека високата стапка на смртност кај пациентите со ковид-19 примени на единиците за интензивна нега и потешкотиите во комуникацијата и обезбедувањето поддршка за крајот на животот на пациентите и семејствата е неверојатно стресна за здравствените работници.

„Треба да има механизми засновани на докази, така што сите здравствени професионалци, вклучително и персоналот во единиците за интензивна нега, можат веднаш да започнат со лекување на проблеми со менталното здравје“, рече Гринберг.

Ковид-19 предизвика ментални проблеми кај голем број луѓе во САД и Велика Британија, а многумина предупредија на тивка пандемија на ментално здравје што се јавува паралелно со пандемијата на коронавирусот. Изолацијата, стресот и стравот од вирусот влијаат на сите, особено кога се воведуваат мерки за „заклучување“, но оние кои работат во борба против пандемијата директно се соочуваат со уникатен сет на стрес, предизвикувачка работна околина и долги часови под висок притисок.

Британското истражување е уште еден додаток на растечкиот број докази кои предупредуваат на значителните психијатриски ризици што ги носи пандемијата кај луѓето кои работат во првите редови на одбраната, како и кај оние кои ја преживеале оваа болест.