Николоски: Законот за попис мора да биде повлечен, ако биде усвоен, ВМРО-ДПМНЕ ќе го повика македонскиот народ да собере потписи со цел да се поништи претходно донесениот закон

Синоќа во емисијата “Јади бурек” на телевизија Сонце потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски апелираше дека пописот мора да се одложи, бидејќи како што рече тој, кога една Германија го одложи, Ирска, Романија, Србија и други, логично е да се побара одложување на пописот, затоа што во услови на корона и не може да се направи реален попис. Вториот проблем е дека власта сака да спроведе политички, а не реален попис, а треба да се знае дека пописот е статистичка операција, рече Николоски.

-Значи колку луѓе живеат на оваа територија, а не колку државјани има Македонија, колку пасоши поделила. Затоа што вие можете да имате пасош, но да си живеете во Германија, САД, Австралија. Власта тоа не сака да го направи затоа што има политички договор. На пример ние ВМРО-ДПМНЕ баравме тоа да се прави со отисок на прст како за пасош или лична карта. Неможам да кажам повеќе за тоа дали во пописот ќе има графи или не знам што, бидејќи во законот кој го предлагаат не доставија методологија. Методологијата ќе се усвои еден месец откако ќе се усвои законот. Тоа значи дека ќе прават политички попис. Затоа ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, прво бараме овој закон за попис да биде повлечен, но доколку сепак биде усвоен ВМРО-ДПМНЕ ќе го повика македонскиот народ да собере што поголем број на потписи со цел да се поднесе закон во македонското Собрание, од минимум 10 илјади потписи, со кој што закон ќе се побара да се поништи претходно донесениот закон за попис. Доколку и на тоа власта се спротивстави и реши по секоја цена да прави попис, резултатите од тој попис ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признава, дециден е Николоски.

По промената на власта, истакна Николоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе направи ревизија во Заводот за статистика и за да се види како бил спроведен пописот и пред македонската јавност ќе ги презентира реалните, а не фингираните бројки.