Затворени угостителски објекти во Куманово, тетовско и гостиварско поради непочитување на ковид мерките

На 13.01.2021 во 19.05 часот, полициски службеници од СВР Куманово извршиле контрола во угостителски објект на улица „11 Ноември“ во Куманово. При контролата било констатирано дека објектот работи по дозволеното работно време за угостителски објекти и не се придржува на одлуката донесена од Владата. Притоа, во објектот биле затекнати девет лица – гости и сопственикот Ф.Р.(30) од Куманово. Од страна на Државен пазарен инспекторат објектот бил затворен.

По целосно документирање на случајот против сопственикот ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

На 13.01.2021 во 20.40 часот, по претходно добиени оперативни сознанија, полициски службеници од Полициското одделение Жеровјане извршиле контрола во угостителски објект во с.Горни Челопек, сопственост на Д.Р.(31) од с.Горни Челопек.

При контролата било констатирано дека објектот работи и внатре биле затекнати 17 лица гости и сопственикот.
Д.Р. бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик, односно за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат Тетово.

На 13.01.2021 во 19.30 часот во с.Добридол, општина Врапчиште, при извршување работни задачи, полициски службеници од Полициското одделение Галате забележале дека еден угостителски објект работи по дозволеното време. При контрола, во објектот биле затекнати пет лица гости и сопственикот М.С.(47) од с.Добридол.

Сопственикот М.С. бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Од страна на Државниот пазарен инспекторат Гостивар објектот бил затворен.