И You Tube го суспендира профилот на Доналд Трамп

Администрацијата на You Tube го отстрани најновото видео и го суспендираше профилот за седум дена за објавување видеа од официјалната сметка на сегашниот американски претседател Доналд Трамп, објави порталот Аксиос.

„По внимателно испитување и во светло на загриженост за постојаната веројатност за насилство, ја отстранивме новата содржина поставена на каналот на Доналд Трамп и издадовме предупредување за кршење на нашата политика на поттикнување на насилство“, се вели во соопштението на компанијата. „Како резултат, со оглед на нашиот долгогодишен систем за предупредување, каналот веќе не може да поставува нови видеа или преноси во живо најмалку седум дена“.

Како што забележува Аксиос, видео-хостингот исто така ја запре можноста за коментар на видеата оставени на каналот на американскиот лидер, наведувајќи го можниот ризик за предизвикување насилство.

Претходно, Твитер објави дека трајно го блокирал пристапот до личниот профил на Трамп поради кршење на неговите правила, како и стравувањата дека може да се обиде да предизвика нови немири. На Трамп исто така му беше забрането да пишува на Фејсбук и Инстаграм пред истекот на мандатот.