Фолксваген забележа значителен пад на продажбата на возила во 2020 година

Германскиот производител на автомобили Фолксваген (VW) продаде 15,1 процент помалку патнички возила во кризната 2020 година отколку една година порано, покажува извештајот објавен во вторникот.

Во тешко опкружување на пазарот, VW лани испорача 5,32 милиони возила на клиенти ширум светот, што е за скоро милион помалку отколку во 2019 година.

Најголем пад на побарувачката е забележан на домашниот западноевропски пазар, каде продажбата падна за 23,4 проценти.

Во Кина, каде што започна пандемијата, падот на продажбата беше значително поблаг – 9,9 проценти.

Охрабрувачките вести доаѓаат од сегментот на електрични и хибридни автомобили за кои расте побарувачката, како што покажуваат податоците на другите производители.

Испораките на целосно електрични возила (BEV) на VW скоро тројно се зголемија минатата година, додека пратките од сите категории електрични автомобили, вклучително и хибриди со приклучоци, се зголемија повеќе од двојно.

Кризата предизвикана од коронавирусот доведе до пад на продажбата низ автомобилската индустрија поради намалената побарувачка во услови на зголемена економска несигурност.

Подружницата на Фолксваген, Ауди, во вторникот одделно извести дека минатата година испорачала скоро 1,7 милиони возила на клиенти ширум светот, што е за 8,3 отсто помалку од претходната година.

Во Кина, продажбата се зголеми за околу пет проценти, но вкупниот годишен резултат беше потиснат од слабата побарувачка во Европа и Соединетите држави, каде што влијанието на пандемијата врз здравјето на луѓето и нејзините последици во економијата е подолготрајно.

Во последните три месеци од 2020 година, Ауди испорача повеќе од половина милион автомобили, надминувајќи ја таа бројка за прв пат во период од три месеци.

Меѓу германските производители на луксузни автомобили, „Ауди“ минатата година се најде на третото место, зад „Мерцедес-Бенз“ на „Дајмлер“, со продадени 2,16 милиони автомобили и „БМВ“, кој продаде 2,03 милиони, според агенцијата ДПА.