Раст на цената на нафтата на светските пазари 

На светските пазари, цените на нафтата пораснаа околу 8 проценти во првата недела од 2021 година, достигнувајќи го највисокото ниво во скоро една година, благодарение на најавата на Саудиска Арабија дека ќе го намали производството.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела скокна за 8,1 процент на 55,99 долари, додека на американскиот пазар за еден барел порасна 7,7 проценти на 52,24 долари.

Зголемувањето на цените на највисоките нивоа од крајот на февруари минатата година во најголем дел се должи на најавата на Саудиска Арабија дека дополнително ќе го намали производството за еден милион барели дневно во февруари и март, како дел од договорот на повеќето производители на Организацијата за производство на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници.

На состанокот на ОПЕК и неговите сојузници беше договорено повеќето производители да продолжат да го ограничуваат производството како порано, на вкупно 7,2 милиони барели дневно.

Минатата година ОПЕК + го намали производството за 7,7 милиони барели дневно за да се усогласи со намалената побарувачка за време на пандемијата на коронавирусот, а во јануари го зголемија производството за половина милион барели на ден.

До крајот на годината, производството требаше постепено да се зголемува за вкупно два милиони барели дневно, но Ријад успеа да ги убеди партнерите да се откажат од зголемувањето, посочувајќи на нови блокади поттикнати од понатамошното ширење на инфекцијата со „Ковид-19“.

Понатамошното движење на цените на нафтата ќе зависи најмногу од тоа колку брзо светската економија, а со тоа и побарувачката за нафта, ќе се опорави од корона кризата.

Поради таа криза, цените на нафтата лани паднаа за повеќе од 20 проценти, пренесува „SEEbiz“.