Манасков е на располагање само ако Македонија се пласира на Светското првенство

Додека се уште чекаме за евентуален настап на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Египет, селекторот Данило Брестовац ги повикал и поискусните играчи.

Стојанче Стоилов, Никола Маркоски и Дејан Манасков направија Ковид-тестови, но само двајца од нив се појавија на тренинг. Манасков го известил предводникот на нашиот најдобар национален тим дека во овој момент не може да одговори на повикот.

Тој ќе му биде на располагање на Брестовац само доколку Македонија во последен момент „влета“ на Светското првенство. Репрезентативецот настапи на Ф4 во дресот на Веспрем на крајот на декември, иако поради повреда беше надвор од терените.

Ракометарите ќе се најдат меѓу земјите учеснички на СП доколку некоја репрезентација го откаже настапот, во моментов нашата шанса е Чешка, има голем број на позитивни ракометари на Ковид-19, па прашање е со каков состав ќе дојде во Египет.