Во Хрватска продолжуваат мерките, угостителските објекти остануваат затворени

Епидемиолошките мерки остануваат на сила во Хрватска до 31 јануари, што значи дека сите угостителски објекти ќе продолжат да бидат затворени, како и ограничениот број на патници во јавниот превоз.

„Имајќи ја предвид нашата ситуација и состојбата во европското опкружување, нема основа за олеснување на мерките што се на сила“, рече шефот на хрватскиот штаб за национална заштита, Давор Божиновиќ, пренесуваат хрватските медиуми.

Тој вели дека во Хрватска се намалува бројот на хоспитализирани пациенти, како и дека приемот во болниците е помал, што укажува на намалување на ширењето на инфекцијата, но сепак е потребна претпазливост.

Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Чапак, рече дека моменталната стапка на „инциденца“ за 14 дена е 351,8, што ја става Хрватска како земја „со среден ризик“ кога станува збор за земјите од ЕУ.

Тој додаде дека вкупната стапка на смртност на милион жители е 1032,9, што ја става Хрватска на 20-то место од 27 земји на ЕУ.

Тој вели дека до вчера во 19 часот, 24.985 лица во Хрватска примиле вакцина против  коронавирусот.