Претседателот на државава, Стево Пендаровски, вчера се обрати на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија“.
Во времето во кое што живееме и делуваме, за жал, има многу малку причини да се биде безрезервен оптимист за европскиот проект, кој е јадрото на идејата на европскиот федерализам, рече Пендаровски.
Според него исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори и доделување на датум за почеток на преговорите во текот на пролетта следната 2020 година, не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи.
Дури и со отпочнати преговори на пролет следната година, нам ни претстои долг и тежок процес на прилагодување кој ќе трае, оптимистички од 5 до 7 години, истакна тој.
Дотогаш, според Пендаровски, ќе мораме да се справиме со проблемите поради кои стотици илјади наши граѓани веќе ја напуштија државата.
Како клучни проблеми за иселувањето и опстанокот на јвниот поредок тој ги посочи проблемот на организираниот криминал и високата корупција, релативно спорото темпо на економскиот развој, како и слабостите во образовниот систем, во јавното здравство и заштитата на човековата околина.