Заев: Ќе организираме јавна кампања за вакцинацијата за да ја прифатат најмалку 60 до 70 проценти од граѓаните за да постигнеме колективен имунитет

Вакцинирањето е операција од врвен приоритет и јавен интерес. Тоа секако ќе биде проследено со соодветна јавна кампања во рамките на она што го предвидуваат политиките на Владата и законските рамки. Јас очекувам голема поддршка од секој граѓанин, од секоја заедница и институција, и особено од медиумите, истакна премиерот Заев во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, и додаде дека сега е време во прв план да дојде до израз солидарноста и грижата за остварување на јавниот интерес.
„Ќе ја отвориме дебатата за утврдување на правилата за медиумски кампањи од јавен интерес со максимална инклузивност на сите засегнати: медиумите, медиумските и новинарските здруженија, граѓанските организации, надлежните институции, со сите. Масовна консултација до конечно најдобри и прифатливо за сите решение за организација и за спроведување кампањи од јавен интерес преку медиумите и другите комуникациски канали. При тоа тргнуваме од неколку важни насоки од кој најважната е дека  останува забраната за владино рекламирање. Тоа не се менува. Само разговараме за тоа да се воведе можност на кампањи од јавен интерес, а поголем јавен интерес од успешно спроведување на вакцинацијата нема“, нагласи премиерот Заев.
Неопходно е, рече премиерот Заев, да постигнеме довербата во вакцините, да ги елиминираме предрасудите и да постигнеме да се вакцинира најмалку 60 до 70 проценти од населението за да постигнеме колективен имунитет.