Луѓето од Западен Балкан најчесто ја одбираат Германија како дестинација за подобар живот и подобра плата, но животот таму не е така евтин и покрај високите плати. Само за стан месечно се издвојува една третина од платата. Колкави се останатите трошоци.
Германија во споредба со другите европски земји важи за релативно евтина за живеење. Според статистичките податоци за нормален живот во Германија во текот на 2019 година месечно се потребни 750 евра. Цените за храна, живеалиште и облека се за 4,3 отсто повисоки од европскиот просек. Тоа е значително помалку во однос на Данска која е најскапа за живот. Цените во Данска се 37,9 насто повисоки од европскиот просек.
Во најголемите трошоци за живот во Германија спаѓаат оние за живеалиште. Месечната кирија значително се разликува од местото на живеење. Важна улога игра дали сакате да живеете во некоја од германските метрополи или во некое германско село одалечено од градот и по неколку десетици километри.
Кирија
Кујна или ресторан?
Ако денеска сепак сте расположени за готвење сигурно сте планирале да отидете во некој од супермаркетите за да купите продукти за ручек. Секако, ви препорачуваме да земете со вас кеса во која ќе ги донесете купените продукти. Во спротивно за неа во продавница ќе платите најмалку 10 центи.Во супермаркетите ве очекуваат различни цени, бидејќи немаат сите супермаркети еднакви цени. Половина килограм бел леб во просек изнесува 1,24 евра, литро млеко 0,70, а килограм компир 1,06 евра.
Превоз
Поседувањето сопствен автомобил, исто така, има своја цена. Горивото во просек изнесува 1,25 евра. На тоа треба да се додадат и одржувањето на автомобилот и осигурувањето кои во значителна мерка се разликуваат од град до град, како и од тоа кој е сопственик на автомобилот, дали возачот е почетник или е искусен возач, дали често сте предизвикувале сообраќајни несреќи, па дури и во кој сектор работите.
Колку подолго поседувате возачка дозвола толку цената на осигурување е помала. Цената за осигурување зависи од видот на возилото, опремата која ја содржи како и од староста на возилото. Се’ на се’, за помало возило во Германија месечно се потребни околу 200 евра.
Здравствено осигурување
Тука е и приватното осигурување кое е доста поскапо, но и услугите кои ви ги пружаат здравствените установи се далеку подобри и поквалитетни. Доколку сакате да имате нормално здравствено осигурување во Германија, треба да сметате на тоа дека за него месечно ќе плаќате меѓу 70 и 80 евра. Секако, половина од оваа сума ја плаќате вие, а половина работодавачот. Кога станува збор за приватното здравствено осигурување, тоа се плаќа значително повеќе и многу е тешко да се каже просечната сума бидејќи здравствените осигурувања нудат навистина различни пакети.
Облека, обувки, телефон…
Покрај издатоците кои ги наведовме, треба да се додадат и оние за облека и обувки. И тука понудата е многу широка, а со тоа и цените се значително различни. Во понуда има стока за сечиј џеб. Според статистичките податоци фармерките во Германија во просек чинат меѓу 50 и 100 евра. Слично е и со обувките. Доколу сакате чевли или патики од светски познатите брендови, тогаш треба да знаете дека нивната цена е троцифрена. Меѓутоа, немојте да се плашите. На крајот на сезоната секогаш има намалувања и разни попусти, така што обувките, кои некогаш чинеле околу 200 евра, можете да ги купите за 50 или 60 насто поевтино.
Доколку ви се заврте во главата од овие бројки, можеби е најдобро да седнете во некој од рестораните и кафулињата и да испиете кафе. Доколку сте пушач, ќе мора да седите надвор бидејќи во повеќето германси покраини пушењето во угостителски објекти е строго забрането. И пазете каде ги фрлате отпушоците! Доколку сте во Келн, тогаш за фрлен отпушок на улица се плаќа казна од 50 евра.
Доколку седите и пиете кафе, и се сетите на вашите другари, пријатели или роднини па сакате да им се јавите, треба да знаете дека и телефонирањето чини пари. Понудата е голема, а конкуренцијата се натправарува кој ќе наплати помалку а ќе понуди повеќе. Покрај големите телекомуникациски концерни, пакети за мобилни телефони и интернет нудат и супермаркетите.
Во пакетите има многу опции: со нов телефон или не, со ограничен или неограничен интернет, со бесплатно телефонирање во Германија, ЕУ или не…. Ќе наведеме само еден пример. ланецот на супермаркети Алди нуди 2 ГБ брз интернет и бесплатно телефонирање на сите мрежи во Германија за 7,99 евра. Пакетот важи четири недели.
Статистичките податоци се користени од интернет страницата на Сојузниот завод за статистика Статист, wohnungsboerse.net i de.statista.com
Извор: ДВ