Грета Тунберг се извини за изјавата: „политичарите треба да бидат турнати до ѕид“

16 годишната шведска активистска за борба против климатските промени, Грета Тунберг, се извини за изјавата дека политичарите треба да бидат „турнати до ѕид“ бидејќи тој израз критичарите ги наведе да мислат дека таа заговара насилство.

„Тоа се случува кога импровизирате говор на друг јазик. Но, секако, се извинувам доколку некој тоа погрешно го разбрал“, напиша таа на Твитер.

Во извинувањето таа додава дека направила буквален превод од шведскиот јазик каде овој израз опишува ситуација кога некој е присилен да решава тешко прашање или ситуација.

Некои критичари на социјалните мрежи, меѓутоа, ова нејзина изјава ја протолкуваа како повик на насилство врз политичарите, пренесе „АП“.

Тунберг кажа и дека таа и движењето на младите, кои ги инспирира, се против секаков облик на насилство.