Брутално искрено, не бегаат младите само за да заработуваат повеќе пари, туку…

Млад, здрав, прав, паметен, образован избегал во странство за да заработи повеќе пари?

Секако дека подобрите плати и повисокиот стандар се едни од причините за иселувањетона младите, но тоа не се единствените.

Бегаат од нашите училишта каде внукот на директорката има повеќе петки од него, иако не знае да гукне, а самиот тој знае повеќе од учителката.

Бегаат од нашите општини каде да го видиш градоначалникот за да му се пожалиш е еднакво на барањето да го видиш господ.

Бегаат од нашите конкурси за работа на кои синот на директорот со трето одделение ќе го примат наместо него со диплома од факултет.

Бегаат од нашите болници каде чека со саати, каде го фрлаат да лежи на кревет покриен со партали и каде оди во ве-це кое повеќе личи на полско отколку на болничко.

Бегаат од нашите шалтери каде некултурни се буткаат преку ред, а дотраени и дрски работници го услужуваат од другата страна.

Бегаат од нашите маркети каде продавачките секогаш несакајќи грешат во куцање со еден артикал повеќе, никогаш помалку.

Бегаат од нашите служби каде пред нос луѓе со врски се пикаат пред него во канцеларија, додека тој чека со бројчето во рака.

Бегаат од нашите судови каде плаќа казна за фрлено влажно марамче на улица во една судница, додека во другата ослободуваат човек кој ја претепал жена му.

Бегаат од нашите институции каде не може да поднесе да работи додека му шефуваат неписмени шефови, а некој друг седи дома и зема плата за истата работа.

Бегаат од валканите улици, бегаат од уличните кучиња, бегаат од патеките без корпи за отпадоци, бега од преполнетите контејнери и уште многу други причини.