„Мал шенген“ во никој случај не може да биде алтернатива на ЕУ

Во моменти кога јавноста во Македонија, а и во Албанија очекуваше Европскиот совет конечно да донесе одлука за почеток на преговорите со Европската Унија, по иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ дојде една на прв поглед интересна идеа за воспоставување на „Мал шенген“ односно, Декларација за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во Западен Балкан помеѓу Србија, Македонија и Албанија.

Ваквата иницијатива, случајно или не веднаш беше прифатена и за многу кратко време беше потпишана Декларација во Нови Сад од страна на лидерите на Србија, Македонија и Албанија. Во  огромната желба за поголема регионална економска соработка очигледно нашите политичари заборавија да направат консултации со стопанството, бизнисмените, економските аналитичари и експерти за придобивките на нашата држава од ваквата соработка.

Како и за прогресивното оданочување, така сега и за оваа идеа за регионална економска соработка видовме дека власта и стопанствениците во нашата држава немаат соработка, координација и заедничка стратегија за раст и развоја на нашата економија. Според реакциите на стопанствениците уште еднаш стана јасно дека власта не ги консултира за вака важни економско-стратешки одлуки и дека повторно ставовите на политичарите и стопанствениците како и за други прашања се разидуваат. Односно повторно економијата како да се става во сенка на политиката.

Додека властите тврдат дека токму од оваа регионална економска соработка нашата економија ќе има огромни придобивки и ќе стане поатрактивна за странските инвеститори од Сојузот на стопански комори недвосмислено изјавија дека оваа идеја ќе доведе до нова изолација на регионот.

Кога економистите и стопанствениците тврдат дека ова е лоша идеја, а истовремено политичарите дека ова е одлична економска можност, се поставува прашањето дали ова е реална потреба за стопанството и економијата или пак за политиката. Односно дали оваа идеја има економски мотиви или пак претставува одлична можност за политички маркетинг на лидерите од регионот.

Повеќе од очигледно е  дека инцијаторот на оваа економска соработка Република Србија на чело со претседателот Александар Вучиќ ќе имаат најголеми продобивки од вакавата економска соработка или пак далеку повеќе од Македонија.

Прво Србија уште долго време ќе биде надвор од Европската унија, односно сеуште е отворено прашањето со Косово кое можеби нема да се реши во наредната деценија, две или пак никогаш. Токму затоа Србија мора да бара решение во регионалната економска соработка, како и во соработката со земјите од Евроазиската економска унија. Србија  уште долго време нема да има пристап до европските пазари, па логично бара решеније.

Второ преку ваквиот договор Србија ќе си овозможи полесен, побрз и поевтин пристап до пристаништата во Албанија и во Грција за своите сопственици.

И трето, под изговорот за економско здружување Србија и претседателот Вучиќ се позиционираат како регионални економски лидери кои што треба да ги водат Македонија и Албанија во економски поход.

Прашањето што се поставува во оваа ситуација е што Македонија би добила од оваа  регионална економска соработка, во време кога сме условно пред вратите на НАТО и со можност за отпочнување на преговори со Европската Унија многу наскоро.

Зошто сега кога Македонија е на чекор до пазар од над 500 милиони луѓе во повеќе од 28 земји членки на ЕУ би влегла во затворен „Мал шенген“ со Србија која што има различни стратешки определби од нашите во однос на пристапувањето во ЕУ и НАТО и со Албанија земја која што во сите извештаи на ЕУ е далеку зад Македонија во напредокот кон интеграција во ЕУ.

Кога на исток и на југ граничиме со земји на ЕУ, логично би било приоритет да ни биде зголемување на таа соработка и интеграција кон единствениот економски пазар на ЕУ. Логично би било да се посветиме на реформи со цел побрзо да станеме дел од овој голем пазар, а не да се фокусираме на затворен пазар од три држави.

Кога сте на чекор да станете дел од европската економија со БДП по жител од 25 000 евра, како и дел од пазар од 500 милиони потрошувачи, поразително е да станете дел од пазар од 20 милиони потрошувачи и тоа да го претставувате како одлична економска можност.

Доколку се погледнат статистичките податоци за трговската размена на Македонија може да се види дека нашата држава најголема трговска размена има со државите од ЕУ. Од првите пет држави со кој имаме најголема трговска размена во периодот од Јануари до Август оваа година дури четри се дел од ЕУ и тоа Германија, Велика Британија, Грција и Италија.

Иднината на македонската екомија е во подобрување на економската соработка со високоразвиените европски држави и превлекување на странски инвестиции. Само така нашата економија ќе расте со стапки на раст со кои што ќе се подигне стандардот на граѓаните.

Единствено со реформите и интеграцијата во ЕУ и НАТО, како и искрена борба против корупцијата и владеењето на право Македонија ќе стане поатрактивна за странските инвеститори. Странските инвеститори сакаат стабилност, а не корупција и политичка неизвесност.

Таканаречениот „Мал шенген“ ќе биде составен од држави кои што се познати по корупција. Тие држави преку ваквата идеја ќе станат регион кој што ќе биде познат по корупција и политичка неизвесност, што може негативно да се одрази на странските инвестиции во Македонија во иднина. Прашање е колку Македонија ќе добие од оваа економска соработка, а колку ќе изгуби.

На крајот сепак секоја одлука за подобрување на економската соработка е за поздравување, но кога истата е искрена од сите страни и добра за сите страни. Дали оваа економска соработка ќе може да се развива во регион каде што сеуште имаме отворени сензитивни прашања како што е прашњето за Косово останува да видиме.

На втората средба на лидерите која што се одржа во Охрид доминираа наслови и теми како што се Нова Југославија или пак Голема Албанија, додека економските решенија и можности беа во втор план. Повеќе се зборуваше за различните ставови на Албанија и Србија за Косово отколку за економските ефектите кои што се очекува да бидат постигнати од оваа соработка. Ваквата реторика не ни дава за право да бидеме преголеми оптимисти како ќе се развива и функционира овој „Мал шенген“.

Сашко Кметовиќ – Дипломиран новинар и магистер по корпоративно право