Иницијатива „Зелен Хуман Град“: Одбиени 27 амандмани за измена во буџетот на Град Скопје

Иницијативата „Зелен Хуман Град“ во која се здружени 12 организации и активистички групи од Скопје денеска обвини дека им се одбиени 27 амандмани кои ги поднеле за измена во буџетот на Град Скопје. Прифатен е само еден, дообјаснуваат оттаму, кој се однесува за пет бројачи на велосиепди кој бил предлог на инцијативата „На Точак“, објавија на нивната Фејсбук страница.

„Можеби нема пари за зелен и хуман град, но има – речиси 1,3 милијарди денари за автоцентрична инфраструктура во буџет во кој има општа ставка ‘меѓуопштинска соработка за улици’ во износ од 100 милиони денари“, се истакнува во објавата на иницијативата.

Како што тврдат од иницијативата, градот ги одбил сите барања за изработка на стратешки документи и за изработка на стратешки документи и за обезбедување на бараните услуги за еднородителски семејства, деца, лица со хендикеп, ранливи учесници во сообраќајот и лица во социјален ризик.

„Не се одобрија барањата на здруженијата за заштита на животните. Ниту едно барање не беше одобрено за решавање на проблемот со загадувањето. На Скопје и понатаму му е судено да биде еден од најзагадените градови во Светот“, се додава во нивната објава.

Инаку, во Советот на Град Скопје деновиве се расправа околу буџетот за идната година.