Европскиот парламент го усвои Буџетот на ЕУ тежок над 1.000 милијарди евра

Европскиот парламент вчера со големо мнозинство гласови го усвои седумгодишниот буџет на Европската унија, кој ќе започне да се применува од 1 јануари, објави „Политико“.

За усвојување на буџетот во износ од 1,074 милијарди евра гласаа 548 пратеници, 81 беа против, а 66 пратеници не гласаа.

„Во овој историски момент усвоивме историски буџет. Сега може да започне Европскиот Маршалов план, кој ќе ни помогне да излеземе од оваа драматична криза предизвикана од пандемијата и да ги поставиме темелите за нов почеток на позелена Европа, што ќе биде многу поправедно од порано“, рече претседателот на ЕП Дејвид Сасоли по гласањето.

Европратениците усвоија нов механизам што треба да овозможи повлекување на средствата од фондот за закрепнување од кризата да биде условено со почитување на владеењето на правото.