Во океаните завршиле 1.56 милијарди заштитни маски, потребни се 450 години за да се разградат

Се проценува дека во океаните ширум светот, годинава поради пандемијата, завршиле 1.56 милијарди заштитни маски, што остава сериозни последици врз морските животни и растенија, се вели во извештајот на невладината организација „Океаните на Азија“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во овој извештај се наведува дека морскиот свет е загаден со дополнителни 4.680 до 6.240 тони пластика поради неправилно фрлените маски. Невладината потенцира дека се потребни 450 години за да се разградат маските, и дека дури и тогаш, микропластиката ќе им наштети на морскиот свет и екосистемот.

Загадувањето со пластика убива околу 100.000 морски цицачи и желки годишно, повеќе од еден милион птици, како и огромен број риби, без’рбетници и други животни, соопшти организацијата Океани Азија.

Додадено е дека има негативно влијание врз риболовот и туризмот и ја чини глобалната економија околу 13 милијарди долари годишно. Извештајот предлага употреба на заштитни маски за повеќекратна употреба и информирање на јавноста за правилно отстранување на отпадот.