Пратениците денес ќе одлучуваат за два заеми во висина од 71 милион евра

Денес во Собранието на Република Македонија од 10 часот ќе заседава Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред се наоѓаат измените на Законот за Централен регистар во II читање; измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација во II читање; измените на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам во II читање.

25 милиони евра за енергетска ефикасност

Покрај овие закони на дневниот ред се наоѓаат и Предлог – закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка чии основни цели се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетската ефикасност во јавниот сектор.

Оттука, државата и Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка ќе склучат Договор за заем наменет за реализација на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, во износ од 25.000.000 евра.

Рокот на отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години;

Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон.

Заемот ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 март и 15 септември секоја година.

Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Република Северна Македонија како заемопримач има обврска да и плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија од 0.25% од износот на заемот (62.500 евра).

46 милиони евра за земјоделие

Другото задолжување со Предлог закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка е да се подобри конкурентноста во насочени земјоделски под-сектори и да се зајакнат институционалните капацитети на земјоделскиот сектор за пристап до Европските фондови.

Овој договор на државата со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка е во износ од 46.000.000 евра.

Рокот на отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 4 години;

Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон.

Заемот ќе се отплаќа во 16 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 март и 15 септември секоја година.

На Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка ќе им платиме еднократна провизија од 0.25% од износот на заемот (115.000 евра).