Продолжуваат препукувањата меѓу партиите, по поднесените над 6000 амандмани на Изборниот законик со кој се предлага менува изборниот модел во државава, односна наместо 6 изборни единици со предлогот се предвидува да биде само една, без изборен праг. Исто така во предлогот се предлага и соодносот помеѓу жени и мажи на листите да биде 1:1.
На предлогот потпишани се пратениците од помалите политички партии во Собранието, а од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потпишани се само Сашко Костов и Даниела Рангелова.
Од СДСМ на денешната прес конференција пратеникот Бетиане Китев кажа дека нема да се откажат од предлогот бидејќи тоа е изборно ветување на СДСМ во 2016 година.
Според него кочењето со голем број на поднесени амандмани не можат да донесат ништо добро. Од СДСМ бараат да ги судрат аргументите и да слушнат од оние кои ги даваат амандманите, зошто се против промената на изборниот модел.
Во врска со планот што понатака со оглед на големиот број амандмани тој истакна дека сосема е јасно ако се почне процедурата во оној период кога најави претседателот на собранието, јасно е дека до тој временски период не може да заврши и јасна е намерата на поднесувачите на амандманите дека идејата е да не се случи промена на изборниот модел.
Според СДСМ Коалициите и со една изборна единица повторно ќе бидат можни и тука нема опасност ниту кај ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај ДУИ. Меѓутоа нивните коалиции најверојатно се водат од сосема други идеи и можности кои што би ги добиле после евентуалното распределување на пратенички мандати со една изборна единица.
Од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во врска со поднесените над 1200 амандмани од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека она што е многу побитно во целиот овој процес е дека СДСМ и Заев по не знае кој пат се обидуваат да манипулираат пред се со помалите политички партии бидејќи од поднесените амандмани гледаме дека всушност и внатре во коалицијата не се сите работи онакви какви што се претставуваат пред јавноста.
Она што е најбитно во овој момент е дека измени на изборниот законик во насока на менување на изборниот модел на речиси неполни 2-3 недели пред техничка влада којашто треба да ги спроведе изборите, да менувате изборен модел и притоа без консензус на најголемите политички субјекти уште еднаш само го покажува вистинското лице на Заев и СДСМ во однос на тоа како шарлатански и хазардерски ја водат оваа држава, рече Јанушев.
Тој кажа дека и самите препораки од ОБСЕ од ОДИХР кажуваат дека измена од ваков тип каде што станува збор за измена на изборниот модел, не препорачуваат истото да се направи најмалку една година пред одржувањето на изборите.
ВМРО-ДПМНЕ како и до сега, а во интерес на граѓаните на Република Македонија не ја затвара вратата, апсолутно сме отворени да седнеме со сите релевантни политички субјекти да разговараме и да најдеме начин во која насока треба да се движат овие измени по завршување на изборите на 12-ти април.
Артан Груби од ДУИ, кажа дека неговата пратеничка група поднела речиси 5.000 амандмани на предложените измени на Изборниот закон.
Процес на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова собрание и политичката сцена во нашата држава“, изјави Груби вчера во Собранието, додавајќи дека таквите измени треба да се носат консензуално., во согласност со сите политички партии.
Според него, не би требало да се прават опасни преседани со партиски калкулации само за следните избори од која било страна, затоа што со тоа се отвора Пандорината кутија и нема да се знаат последиците.