Во недела започнува наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“, во која граѓаните имаат можност секојдневно да добијат една од 3.852 награди во вкупен износ од половина милион евра. Од 15 декември со скенирање на фискалните сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ и со прифаќање на условите на наградната игра секој полнолетен граѓанин е потенцијален добитник на дневна, месечна награда или премија.

На прес-конференција министерката за финансии, Нина Ангеловска, и директорката за комуникации и маркетинг на Државната лотарија, Камелија Левенска, ги претставија текот и начинот на кој ќе се спроведува наградната игра.

Наградната игра ќе трае една година. Предвидени се 1.468 награди од 1.000 денари, 1.101 награда од 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари – односно секој ден ќе се доделуваат по 10 награди, и тоа четири од 1.000 денари, три од 2.000 денари и три од 3.000 денари. Понатаму, секој месец ќе се доделуваат 15 награди од 100.000 денари или вкупно за целото времетраење на играта 180 награди од 100.000 денари. Има и две главни премии од 3.000.000 денари.
„Од 15 декември граѓаните што скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист, прво, ќе имаат шанса да добијат една од 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра, второ, ќе добиваат поврат на ДДВ и, трето, ќе придонесуваат во борбата против сивата економија, а кога губи сивата економија, сите добиваме. Ќе им порачам на сите граѓани да бараат фискални сметки, да скенираат, бидејќи секоја фискална сметка е важна“, рече Ангеловска.