ОН: Глобалните температури во светот ќе се зголемат за 3 степени Целзиусови 

Се очекува до крајот на векот температурите во светот да се зголемат за 3 степени Целзиусови и покрај годинашниот пад на емисиите поради пандемијата и ветувањата од земјите за намалување на загадувањето, предупредуваат ОН.

Во годинашната анализа на емисиите објавена во средата, Програмата за животна средина на ОН утврди дека падот на емисиите на јаглерод од 7% во 2020 година ќе има занемарливо влијание врз глобалното затоплување без брзо и сеопфатно поместување од фосилните горива.

Извештајот за емисиите на овие гасови го анализира јазот помеѓу чекорите што треба да се преземат според Парискиот климатски договор и намалувањето на емисиите на гасови што во моментов ги спроведуваат земјите.

Според извештајот, „зеленото закрепнување“  предизвикано од пандемијата би можело да ги намали тие штетните емисии за 25 проценти до 2030 година.

Ова ќе го приближи светот до нивоата потребни за ограничување на затоплувањето на два Целзиусови степени, како што е предвидено со Парискиот договор за клима.