СЕКОЈ ГРАЃАНИН ПО ЕДНО ДРВО: Екологистите имаат идеја за почист воздух

Ако сите жители на Македонија засадат макар по едно дрвце, за неколку години ќе се види ефектот и ќе имаме почист воздух.

Матеј Гогоски, екологист од Струга вели дека околу два милиони садници би помогнале да се бориме против аерозагадувањето кое на сите им штети. Тој советува дека дел од дрвцата ќе дадат ефект по 5, а други по 10 години. Оние дрвја кои имаат поголема лисна маса, апсорбираат повеќе штетни материи од воздухот. Може да се засадат даб, јасен, бука, а од зимзелените бор, елки и слично.

„За зимзелните дрвца ќе треба да поминат 10 или повеќе години за да можат да помогнат за почист воздух, а на другите им треба значително помалку време. Ако секој жител на земјава засади барем по една садница, ќе биде подобро за сите. Колку се поголеми лисјата на едно дрво, толку е поголема можноста да ги апсорбира штетните материи и да испушта кислород. Сепак, кај нас има се, само нема луѓе за работа, нема активности. Се знае дека пошумувањето е долготраен процес, а гледаме дека никој не пошумува, туку сече кој каде ќе стигне“, вели тој.

Додава дека многу е важно квалитетно и соодветно да се изврши пошумувањето, за да една садница успее.

Македонија се соочува со загаден воздух, и не е само Скопје, туку и Тетово, Битола и Куманово го имаат истиот проблем. Но, кулминацијата допрва ќе следи. Загадениот воздух на директен или индиректен начин секоја година зема илјадници животи.

Скоро 1.500 луѓе во 2015 година во Македонија починале од последиците од загаден воздух.

Лошиот квалитет на воздухот во 2016 година предизвика најмалку 400.000 предвремени смртни случаи во Европа, а речиси секој Европеец кој живее во град е изложен на загадување кое го надминува здравото ниво, се посочува во објавениот изјвештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА).