Нова иницијатива за геолошки истражувања на Кожув: Екологистите се противат на новата игра за рудници на планината

Барањето што министерството за економија  го доставило до  општините Кавадарци и Гевгелија, општинските совети  повторно да дадат мислење за геолошки истражувања на планината Кожув,  ги разгневи  екологистите од здружението „Спас за Гевгелија“. Тие алармираат дека сега барањето било со променет опфат за истражување, среде најубавата букова шума на Кожув,  каде што се и изворите на реката Матушница.

Овие активисти кои се борат да се зачуваат убавините на планината Кожув,  се надеваат дека советниците и на двете општини ќе го повторат негативното мислење и нема да дозволат геолошки истражувања.

„ Ова барање тие го повторуваат по втор пат. Минатата година општините дадоа негативно мислење. Ова е најверојатно нов обид. Ги смениле границите. Се работи за опфат од 2200 хектари во најубавата букова шума на планината Кожув. Ова е нон- сенс. Тоа е како да сакате да направите пустина, на сметка на богатството кое го имаме денес и сите убавини на оваа планина. За жал паметот не им доаѓа. Пораката е јасна од сите граѓани на југоистокот,  загадувачка индустрија не смее и нема да има“ вели во изјава за Канал 77, Ангел Наков од иницијативата „Спас за Гевгелија“.

Кавадаречкиот совет седница ќе одржува во четврток, но засега барањето кое ги натера екологистите да реагираат,  не е на дневен ред. На претходното барање кавадаречките советници  едногласно  кажаа „Не“ за геолошки истражувања во близина на изворите за вода.

Од иницијативата „Спас за Гевгелија“ нагласуваат дека доколку советниците на двете општини каде припаѓа Кожув, дозволат геолошки истражувања, согласно законските прописи, компанијата што ќе ги врши тие истражувања,  по автоматизам можела да започне и со експлоатација на руда, без да бидат потребни нови мислења.