Нефункционално Собрание или неуставен Деловник

Во Собранието на Република Македонија заглавија измените на Деловникот предложени од претседателот Талат Џафери со кои се предвидува пратениците кои се заразени со Ковид или се во самоизолација да може онлајн да учествуваат во работата на Собранието.

На овој предлог опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Алианса и Алтернатива и Левица поднесоа околу 3000 амандмани.

После преведувањето на амандманите, се очекува дури следната недела да заседава Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, каде што ќе се води расправа и ќе се гласа по амандманите.

Опозицијата не сака функционално собрание

Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ не сакаат функционално Собрание и продолжуваат со својата деструктивност да работат директно на штета на граѓаните, обвини вчера Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ.

Тој истакна дека во четвртокот на 26-ти минатиот месец кога помина времето за изолација на пратениците позитивни на корона вирусот одржале седница без присуство на опозицијата. Седница која ја бојкотираше опозицијата со жална надеж дека нема да обезбедиме кворум, на таа седница изгласавме потреба од носење на важни закони за граѓаните затоа што се поврзани со економските мерки за справување со последиците од ковид, рече Митрески.

„Кога не им успеа бојкотот на седницата сега ги блокираат комисиите. Уште не се закажани комисии предводени од пратеници на опозицијата за овие закони да продолжат во натамошна фаза. Можеби нив 6.000 денари не им значат ништо, но во овие тешки времиња на граѓаните им значат многу“, изјави Митрески.

Со и или без ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ќе добијат функционално Собрание посветено на реформите важни за државата и граѓаните, посочи Митрески.

Неуставно решение и обид на власта да си го обезбеди тенкото мнозинство

3000-те амандмани поднесени од страна на опозиционите партии се само крик на опозицијата во однос на она што власта сака да го демонстрира во Собранието, а тоа е непочитување на опозицијата, неразговарање, избегнувањето на дијалог со сите политички партии и една од причините поради која што ги има овие 3000 амандмани покрај неуставноста на самото решение за измена Деловникот, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на  ВМРО-ДПМНЕ.

„Малиот број на пратеници посебно од страна на власта за протуркување на одредени законски решенија кои што немаат допирна точка со проблемите кои што ги има во државата поврзани со КОВИД кризата е единствената причина поради која се бара да ова нефункционално мнозинство од 62 пратеници од кои што дел од пратениците иако здрави ретко ги гледаме во Собранието, измените на деловникот им се шанса која што ќе им даде можност за го имаат мнозинството на располагање, истакна Мицевски.

Тој потсети дека секое законско решение поврзано со одредени бенефиции на граѓаните, помагање на економијата, помагање на стопанството, на здравствената криза, од страна на ВМРО-ДПМНЕ не беа закочени во изминатиов период.

Меѓутоа, како што рече тој,  се она што не е поврзано со кризата, се она за што нема консултации и дијалог, од страна на опозицијата ќе биде оспорувано.

Филибастеринг на неуставен Деловник

„Според логиката на спикерот Џафери, правото на амандмански филибастеринг у Собрание е вродено и загарантирано само за ДУИ. Оти, нели, само они смеат да поднесат 15.500 амандмани против Законот за бранители и 5.500 против Изборниот законик. Ама кога Левица ќе поднесе 1.400 амандмани против неуставниот Деловник, ондак тоа е „деструктивност“!? Бре, мајката“, напиша на фејсбук Димитар Апасиев пратеник од ЛЕВИЦА.

Измени на Деловникот на Собранието – Пратениците ќе може да гласаат од дома