Здравата исхрана клучна во борбата со Ковид-19

Бројот на нови случаи со коронавирусот продолжува да расте ширум светот, затоа е клучно да се утврдат начините за борба против епидемијата. Имунолошкиот систем го штити домаќинот од патогени организми, вклучувајќи вируси, бактерии, габи и паразити. За да се справи со широкиот спектар на закани, имунолошкиот систем еволуираше со вклучување многу специјализирани типови на клетки кои комуницираат и работат заедно во борбата против инфекциите.

Одредени хранливи материи се потребни за правилно функционирање на имунолошкиот систем, пишува N1.

Истражувач на Факултетот за човечки развој и здравје, на Универзитет во Саутемптон, ја истражувал улогата на исхраната во зајакнувањето на имуниот систем во борбата против инфекцијата со ковид-19

Една студија објавена во BMJ Nutrition, Prevention & Health ја нагласува важноста на диетата во зајакнувањето на способноста на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата.

Имунолошки систем

Имунолошкиот систем го штити нашето тело од инфекција, а имунолошката меморија се однесува на способноста на имунолошкиот систем брзо да препознае антиген со кој телото претходно се сретнало и да предизвика соодветна имунолошка реакција, пишува News medical.

Постојат многу причини кои можат да влијаат на промената на имунолошкиот одговор на организмот. Стареењето може да биде поврзано со губење на имунолошкиот систем, наречено имуносенесценција. Имуносенесценцијата се карактеризира со намалување на имуните клетки.

Една од причините за имуносенесценција е намалувањето на имуните клетки од коскената срцевина. Сето ова се случува во старост, па ова може да биде причина зошто постарите луѓе се поподложни на Ковид.

Дебелината е исто така поврзана со намален имунолошки одговор. Дебелите лица обично имаат оштетена активност на имуните клетки. Тие исто така имаат намалено производство на антитела и интерферон-гама (IFN-γ). Затоа, дебелината претставува поголем ризик од инфекција со коронавирус. Исто така, дебелите луѓе можат да имаат полош одговор на вакцината.

Исхрана и имунитет

Имунолошкиот систем функционира во секое време, но специфичните клетки се активираат со присуство на патогени микроорганизми. Активирањето доведува до значително зголемување на побарувачката на имунолошкиот систем за супстракти кои произведуваат енергија, вклучувајќи масни киселини, глукоза и аминокиселини.

Некои хранливи материи, како што се витамини А и Д, се директни регулатори на генската експресија во имуните клетки. Тие играат клучна улога во созревањето, диференцијацијата и реакцијата на имуните клетки.

Антиоксидансите, исто така, играат клучна улога во заштитата на организмот од оксидативен стрес. Класичните антиоксидантни витамини вклучуваат витамини Ц и Е.

Затоа, здравата исхрана е клучна во борбата против епидемијата со коронавирусот. Добрата исхрана обезбедува средина во која имуниот систем може брзо и соодветно да одговори на инфекцијата. Во меѓувреме, недостатокот на хранливи материи го прави телото и имунитетот неспособни да работат правилно.

На кратко, на телото му се потребни витамини и минерали за успешно да се избори со тежок акутен респираторен синдром коронавирус (САРС-CoV-2). Во некои случаи, дури и ако некое лице се зарази, имунолошкиот систем на телото може лесно да се бори против патогенот, намалувајќи го ризикот од развој на сериозна болест.

Докажано е дека витамини А, Б6, фолати, Ц, Д и Е, вклучувајќи елементи во трагови како што се цинк, бакар, железо и селен, играат клучна улога во зајакнување на имуниот систем и намалување на ризикот од инфекции.