САД ќе започнат со вакцинација против Ковид-19 пред Божиќ

По Денот на благодарноста, кога бројот на луѓе кои поминаа низ американските аеродроми беше најголем од средината на март, министерот за здравство рече дека некои Американци може да започнат да се вакцинираат пред Божиќ.

Министерот за здравство Алекс Азар изјави дека вакцината против Ковид-19 може да биде одобрена и доставена по 10 декември, по состанокот на експерти од американската Агенција за храна и лекови (ФДА), кои ќе ги проценат резултатите од клиничките испитувања и ќе одлучат дали да вакцината заслужува зелено светло.

Азар исто така потсетува дека американската биотехнолошка компанија „Модерна“ објави дека поднесува барање до регулаторите во Соединетите држави и Европа итно да ја одобрат нивната вакцина против ковид-19.

Вакцината на Модерна се покажа како многу ефикасна во заштитата на луѓето од Ковид-19 за време на клиничките испитувања. Со ефективност од 94,1 процент вакцината на Модерна е споредлива со резултатите од вакцината Пфајзер.

„Можно е да ги имаме и двете пред Божиќ“, рече Азар.

Вакцините ќе бидат доставени од федералната влада, а гувернерите на сојузните држави ќе одлучат како да ги дистрибуираат.