Мицкоски: Само политички анафалбет преговара за јазикот, идентитетот и историјата на својот народ, мораме тоа да го спречиме, утре блокади пред влада и МНР

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им се заблагодари на граѓаните за поддршката која што ја дават изминативе денови.

“Истата таа не мотивира да истраеме во нашата борба против погрешните политики на владата предводена од Зоран Заев”, рече Мицкоски.

Според него ова се историски моменти, моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава.

“Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина, не само што не се решение туку напротив самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ. Тоа за жал не успеа да го види Зоран Заев и денеска наместо решение истото тоа претставува проблем”, изјави Мицкоски.

“Само политички аматер може да потпише договор во кој што критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација. Затоа ве повикувам масовно без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност утре, во текот на утрешниот ден почнувајќи од 12:30 завршувајќи во 14 часот да се приклучиме на протестите кои што се натпартиски, обединувачки и гласно да зборуваме”, повика Мицкоски.

Тој им се извини на скопјани за  сообраќајниот метеж кој што ќе се случува во текот на утрешниот ден.

До политичарите упати порака: ” Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна”.

Мицкоски потенцираше дека следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува.