Забраната за снимање на полицајци, предизвика немири во Франција

Медиумите се изјаснија против законот што ја ограничува употребата на снимки кои се снимени од страна на граѓаните или медиумите во кои се сведочи за употреба на прекумерна сила од органите на прогонот, односно законски се воведе забрана што предвидува затворска казна доколку се снимаат полицајци додека се на должност.

Новиот француски закон за безбедност, кој го криминализира снимањето на полицајци, предизвика немири во главниот град Париз и многу други големи француски градови, пренесе АФП.

На протестите учествувале и претставници на најголемите француски медиуми, на кои, и покрај коронарната криза, според властите присуствувале 130.000 лица (според организаторите 500.000).

Причината е што, според нив, законот им го ограничува правото да покриваат и да снимаат случаи на полициска бруталност. Темата стана особено актуелна откако минатата недела се појавија снимки од полициско насилство за време на демонтирање на илегален камп за мигранти. На друго видео се гледа како тројца бели полицајци тепаат црн музички продуцент кој излегол од својот автомобил без маска и влегол во неговото студио.

Членот 24 од спорниот закон предвидува казна за „ширење на слика на лице или друг идентификувачки елемент на полицаец или жандарм со очигледна цел да му наштети на неговиот физички или ментален интегритет“. Казната е 1 година затвор и парична казна од 45.000 евра. Владата тврди дека новите текстови ги штитат полицајците од вознемирување на Интернет.

Покрај во Париз, протести имаше и во Бордо, Нант, Лил, Монпелје и судири и палења во Лион, Стразбур и Рен.

Немирите започнаа откако некои од демонстрантите, повеќето со качулки, започнаа да фрлаат огномет и камења кон полицијата. Полицијата одговори со солзавец. Запалени се десетици автомобили и корпи за отпадоци во центарот на Париз. Уапсени се 46 лица, а најмалку 37 полицајци се повредени. Во меѓувреме, стана јасно дека полициските службеници кои го претепале црнец биле изведени пред лицето на правдата.