Затворени над 20.000 интернет сајтови за онлајн продажба

Повеќе од 20.000 интернет сајтови се затворени поради продажба на фалсификувана стока низ ЕУ и Западен Балкан.

Како дел од заедничката акција на Европол, Европравда, Интерпол и националните центри за контрола на интелектуална сопственост наречени IOS, 21.910 страници кои нудеа непостоечки или фалсификувани производи за продажба преку Интернет, беа затворени.

Запленети се и разни производи: од лажни фармацевтски производи, преку пиратски филмови или софтвери, до нелегално пренесување на ТВ сигнали и музика, вредни повеќе од 2,5 милиони евра.

Запленети се 22.614 козметички производи, 22.042 додатоци за мобилни телефони, 69.657 шишиња парфем, 8.929 парчиња облека, 7.480 кутии детергент и 4.800 кутии кондоми.

Акцијата беше спроведена во 26 земји низ светот – од кои 15 во ЕУ и три во регионот: Албанија, Босна и Херцеговина и Србија.

Ова е единаесетта операција во рамките на акцијата IOS, која беше започната во 2014 година, како дел од обидите на властите „да го направат Интернетот побезбедно место“.

Покрај полициските и законските мерки, Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ спроведува и кампања за информирање на граѓаните за ризиците и начините да се заштитат од купување фалсификувани производи преку Интернет, наречена „Don’t F *** (ake)Up“.