Во Хрватска се регистрирани 1.830 новозаразени и 74 починати од коронавирусот

Во последните 24 часа, во Хрватска се регистрирани 1.830 нови случаи со коронавирусот, така што бројот на активни случаи во Хрватска денес е 21.457, а починаа 74 лица, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.

Меѓу пациентите има 2.358 пациенти на болничко лекување, од кои 255 пациенти се на апарати за дишење, објави ХРТ.

Од 25 февруари 2020 година, кога беше регистриран првиот случај на инфекција во Хрватска, вкупно 128.442 лица се заразени со новиот коронавирус, од кои 1.786 починаа, а вкупно се опоравија 105.199 лица, од кои 3.361 во последните 24 часа.

Во моментов има 46.802 лица во самоизолација. До денес се тестирани вкупно 749.346 лица, од кои 5.027 во последните 24 часа.