Србија ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор

Српската влада донесе одлука за повлекување на одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ, изјави премиерката Ана Брнабиќ по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.

На прес-конференцијата, Брнабиќ истакна дека таквата одлука е донесена на иницијатива на Вучиќ, а по консултациите со Србите од Црна Гора.

Таа рече дека Вучиќ побарал од Владата да ја разгледа одлуката од саботата, донесена откако Црна Гора го прогласи српскиот амбасадор Владимир Божовиќ за непожелна личност, повлекувајќи ја одлуката „како дело на добра волја“.

Како што објасни таа, Вучиќ ги повика да се консултираат за одлуката дека Милошевиќ мора да ја напушти Србија во рок од 72 часа, што беше донесено како реципрочна мерка, во согласност со сите дипломатски протоколи и Виенската конвенција.

Според Брнабиќ, Вучиќ им рекол дека ја поддржува таа одлука и дека конвенциите се важни, но дека животот, пријателството и соработката на Србија со Црна Гота се поважни.

Се надевам дека ова ќе се толкува како акт на добра волја и дека ќе продолжиме да градиме добри односи со Црна Гора, рече Брнабиќ, додавајќи дека за време на процесот на донесување одлуки, тие се консултирале и со претставниците на Србите во Црна Гора.

Црна Гора и Србија во дипломатски конфликт: Ги прогласија амбасадорите за персона нон грата