Османи: На Договорот со Бугарија може да му се додаде „патоказ“

Можен е патоказ за следење на Договорот со Бугарија како дел од ЕУ-процесот, но не и како дел од преговарачката рамка, најави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за емисијата „360 степени“.

Османи вели дека Договорот и сега има контролни механизми, преку Комисијата за историски прашања и меѓувладина комисија која се сосстанува еднаш годишно и прави пресек на постигнатото, но подготвени се и за дополнителни гаранции.

„Ако констатираме дека еве Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно“, рече Османи во интервјуто.

Деталите што точно би содржел патоказот се уште се непознати, а министерот очекува реакција од Софија за иницијативата следните неколку денови.