Пендаровски: Да се инвестира во образованието за подигнување на свеста за екологијата!

Да се инвестира во образованието со цел учениците во основно и средно образование да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина. Ова на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, го истакна претседателот Стево Пендаровски, а на која професори и експерти од земјава и регионот дискутираа за постојните ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.

– Ние политичарите и раководителите во институциите, експертите, едукаторите и бизнисмените имаме обврска активно да работиме за да креираме поздрава животна средина – рече Пендаровски и потсети дека минатата седмица се сретнал со претставници на десетици граѓански организации, кои дејствуваат во оваа сфера и им ветил дека тој ќе стори сè што е во негова надлежност за заштита на животната средина.

Исто така, тој даде поддршка и за создавање на национален фонд за заштита на животната средина и напомена дека иако била во завршна фаза пред да ја потпише, ја вратил Стратегијата за одбрана за да биде дополнета со посебни мерки и активности за еколошка безбедност.

Пендаровски нагласи дека кон средината на следниот месец на седницата на Советот за безбедност првпат на дневен ред ќе биде ставена точка за заштита на животната средина, а на седницата се поканети и претставници на граѓански организации, кои ќе имаат можност да ги предложат своите мерки.

Пендаровски нагласи дека нашата држава е една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа и повтори дека како претседател на државата се залага за заштита на политиките на животна средина и на националниот биодиверзитет.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј напомена дека денес на повеќе начини  – со кампањи, протести, документарци се прават обиди за подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина и напомена дека светот на глобално ниво се соочува закани, кои ќе влијаат на сите нас.

Истакна дека до крајот на векот се прогнозира зголемување на температурите на глобално ниво за два до четири степени и додаде дека е потребно да се сменат овие негативни промени.

Енергетската индустрија, отпадот, сообраќајот и градежништвото најмногу придонесуваат во емисиите на стакленички гасови во Македонија, додека шумите и урбаното зеленило кои се главни апсорбирачи на гасовите, се карактеризираат со низок квалитет и мал годишен прираст, нагласуваат организаторите на денешната конференција.

Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1,9 степени Целзиусови до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година.

Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето.

Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност…, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места.