Една недела кризната состојба – Што е преземено за справување со КОВИД-19

Владата на 20 ноември донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на цела држава која е во насока за заштита на јавното здравје во услови на постоење пандемија и заради спречување на болеста „COVID-19“.

Владата прогласи кризна состојба на цела држава

Како главни тела кои треба да се справат со кризната состојба се Главниот штаб и Управувачкиот комитет.

Со Главниот штаб раководи в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, а во него учествуваат претставници на субјекти во Системот за управување со кризи назначени согласно Законот за управување со кризи. Штабот е оперативно стручно тело коешто раководи со активностите за превенција и справување со кризни ситуации.

Според информациите достапни на веб страната на ЦУК, досега Главниот штаб има одржано 3 седници, на кои што е усвоен Акцискиот план. Истовремено, беа утврдени и активностите на институциите за наредниот период со цел заштита на здравјето и животот на населението преку сеопфатно координирани мерки и активности на субјектите во Системот за управување со кризи, како и рационалнио и ефикасно искористување на расположивите национални ресурси. Овој Акциски план се донесува заради координирано остварување на мерки за справување со кризната состојба.

На третата седница одржана во понеделникот е утврдена потребата за учество на дел од Армијата, согласно Стратегискиот одбранбен преглед, а што се остварува на предлог на Управувачкиот комитет, на седницата во ЦУК, конкретно се изврши определување на видот и број на силите и капацитетите на армиските единици, намена и задачи за коишто се бараат, а и времетраење на конкретни активности и ангажмани на армиската единица.

Министерката Радмила Шекеринска во телевизиско интервју појасни и дека  Армијата во кризната состојба ќе има четири типа на ангажман.

„Едниот ангажман е поголемо присуство на медицинските сили од Воено медицинскиот центар во различни здравствени установи, вториот тип е ангажирање на екипите за дезинфекција, третиот дел е единици на Армијата како поддршка на полицијата, најчесто позиционирани пред здравствените установи заради подобро одржување на редот и четвртиот тип на поддршка, доколку се јави потреба, е поддршка на инженериските единици за интервенции пред болниците“, рече Шкеринска.

Кризна состојба: Кои се ингеренциите на институциите, на кој начин ќе се справуваат со кризата

Управувачкиот комитет е највисоко тело кое управува со кризната состојба, за чии одлуки, досега, малку се знае во јавноста.

Во понеделникот заседаваше Управувачкиот комитет со кој раководи министрот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На таа седница беше разгледуван Акцискиот план подготвен од Главниот штаб и требаше да бидат наведени сите активности кои што ќе бидат преземени, за кои до сега нема доволно информации.

Министерот за здравство,  Венко Филипче неделава одржа состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“, по што во изјава за медиумите истакна дека е постигнат договор и обезбеден е дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на ковид пациенти во болницата „Мала Богородица“ – старата болница на Систина која целосно ќе биде опремена од сите приватни болници со нивни заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата, потенцираше Филипче и додаде дека дополнителниот капацитет од 100 кревети ќе бидат на располагање некаде на крајот на неделата, за што сѐ уште нема информациија до каде е ставањето во функција на оваа болница.