Ѓоргиев за ДВ: Погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка

фото: Влада

Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања за „DW“ на македонски јазик.

Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Заев во интервјуто за Бгнес. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на еден генерално погрешен пристап.

„Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“, вели Ѓоргиев.

„За мене, најболно беше сознанието колку малку се познаваме како општества, а од друга страна очекувањата станаа големи. И затоа кога нема да се согласиме за некое прашање, тоа болно го доживуваме. Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена“, вели Ѓоргиев. Целото интервју ТУКА.