Заев: Сите имаме одговорност да создаваме атмосфера во која насилството врз жените е неприфатливо и срамно

Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените, низ портокаловата боја на кампањата „16 дена активизам“, нѐ потсетува дали и колку сме придонеле во борбата против насилството врз жените, напиша на фејсбук премиерот Зоран Заев.

Според него, низ таа борба создаваме општество кое ги заштитува жените и на жртвите им дава сила да се извлечат од средините во кои им се закануваат да молчат и да продолжат со животот без насилство.

„За политиките на оваа Влада насочени кон превенција и заштита на жртвите од насилство покажуваат делата: отворените шелтери за згрижување, ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и најновиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како едно од најсилните оружја во борбата против сите форми на насилство.

Сите ние, а особено ние мажите, имаме и општествена одговорност да создаваме атмосфера во која насилството врз жените е неприфатливо и срамно!

Една од моите лични заложби е мирното решавање на сите конфликти низ разговор, низ дијалог, на достоинствен начин и со почит кон другите во политиката и во мојот приватен живот.

Во период кога поради кризата со пандемијата од КОВИД-19 сите повеќе седиме дома, регистрирано е зголемување на насилството врз жените. Затоа, многу е важно жените да не молчат, да кажат НЕ на насилството и веднаш да пријават: www.mtsp.gov.mk/prijavi-semejno-nasilstvo.nspx.

Да го дадеме сите својот придонес во подигнувањето на свеста и да помогнеме во борбата против сите видови насилство“, напиша Заев.