Владата на вчерашната 24 седница го утврди текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистерски таблици со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието.
Целта на овој Предлог-закон е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи.
Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври оваа година и со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година.
Предлог-законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија N), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О).
Со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра кои ќе бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните.
Според Предлог-законот кој стапува на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, по усвојување од Собранието, возилата, за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови:
- сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон;
- да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.
